Состојбата и натаму е тешка во Тетово со заразени од Ковид 19. Само во последните 24 часа починале 9 пациенти а 124 се хоспитализирани. 122 од нив се на оксигенска терапија.
„Имаме 124 хоспитализирани пациенти, од нив важно е да знаете дека 13 се вакцинирани со прва доза, 3 пациенти се со примена втора доза со што 90% од хоспитализираните пациенти се невакцинирани пациенти. Што се однесува до бројот на починати, имаме 9 пациенти кои биле со тешки болести. Што се однесува до приемите, синоќа имавме 18 приеми. Во амбуланта имавме 209 прегледи и слободно можам да кажам дека над 90% се ковид пациенти“, истакна Гзим Нуредини.
Во болницата во текот на вчерашниот ден лекарска помош побарале 209 пациенти а 90% од нив добиле позитивен резултат, а болницата е преполна. Тројца пациенти морале да се упатат кон Скопската клиника. Според Нуредини, инфектологот Мемети од Гостивар кој вчера побара карантин за Гостивар, има право бидејќи и во Тетово состојбата е алармантна.
„Не знам дали верувате дека ова го размислувавме и ние овде бидејќи врз основа на состојбата на терен, иако податоците не се официјални, велам дека нема куќа во која нема позитивен човек. Ова не е официјално, но е прогноза и тоа што го кажа колегата од Гостивар е на место“, посочи Гзим Нуредини.
Според Нуредини, болницата во Тетово сега за сега е преполна со ковид пациенти, но се уште не се затворени другите оддели бидејќи има и други итни случаи. До сега од МЗ не добиле никаква помош што се однесува до опрема и персонал. Иако такво нешто би било потребно бидејќи во Тетовската болница сега за сега целиот медицински персонал е на работа и ги имаат прекинато годишните одмори што им следуваат. Полошкиот регион и натаму е жариште на заразата.