На 21 август 2025 година, во 14:40 часот, во СВР Тетово 79-годишна тетовчанка пријавила дека станала жртва на измама, при што изгубила 16.000 евра и 10.700 швајцарски франци.
Според пријавата, жената била телефонски контактирана од лице кое се претставило како лекар. Тој ѝ соопштил дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа, во која се здобила со тешки телесни повреди, и дека е потребна итна операција за која мора веднаш да се плати.
Поверувајќи на приказната, оштетената парите ги фрлила од својот балкон на лице кое дошло да ги земе. Подоцна сфатила дека била измамена и случајот го пријавила во полиција.
Од СВР Тетово информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот.