Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешка телесна повреда.

Делото го сторил вршејќи насилство врз жена со која имале претходни лични недоразбирања. На 23 август попладне оштетената отишла да се види со осомничениот пред угостителски објект во населбата Автокоманда. Тој најпрво започнал грубо да ја навредува, а потоа зел пластична гајба полна со стаклени шишиња, замавнал со неа и ја удрил по главата.

Жената започнала обилно да крвари и зашеметена успеала да повика полиција, по што со брза помош била пренесена во болница, каде и биле констатирани тешки телесни повреди.

Имајќи го предвид начинот на сторување на кривичното дело, а со цел да се заштити жртвата од можноста за ново загрозување на нејзината безбедност, здравје и живот, јавниот обвинител побара на осомничениот да му бидат определени повеќе мерки на претпазливост: забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетената, привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и обврска да се јавува повремено на определено службено лице.