Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на државата Израел оствари средба со израелската амбасадорка Вивиен Ајзен и Амира Халперин, виш научен соработник за БИКОМ.

Претседателката на пратеничката група, Рашела Мизрахи, истакна дека средбата е уште една потврда за силните и пријателски односи со Израел, уште од воспоставувањето на дипломатските односи во 1995 година.

Израел е клучен партнер на НАТО преку Медитеранскиот дијалог, и овие мултилатерални канали се важна платформа за размена на информации и заедничко дејствување против тероризмот. Потенцијалот во продлабочувањето на соработката со Израел токму во областа на безбедноста и борбата против тероризмот, е огромен и високо се цени врвната експертиза и напредната технологија што Државата Израел ги поседува во безбедносните области.

„Живееме во време на исклучително сложени глобални безбедносни предизвици. Радикализмот, насилниот екстремизам и тероризмот се закани кои не познаваат граници и бараат одлучен, заеднички и координиран одговор. Иако Собранието е институција која не типично асоцира на дискусии околу безбедносни прашања, сепак верувам дека токму во овој дом треба да се креираат политиките за безбедносниот систем на државата“ – истакна Мизрахи.

Во фокусот на средбата беше презентацијата на Халперин за терористичките закани во Велика Британија и неуспехот на политиките во борбата против тероризмот. Таа зборуваше за глобалните закани од тероризам, за терористичките групи кои дејствуваат глобално, како Хамас, ИСИС, Ал Каеда, за нивното влијание и продор во повеќе сектори, за поддршката од студенти и професори на многу универзитети.

Амбасадорката Ајзен и Халперин ставија акцент на антисемитизмот и во тој контекст беше нагласена скапата пропаганда и важноста од подигањето на општествената свест, потребата од едукација и меѓусебна соработка во борбата против тероризмот

Од присутните беше изразено разбирање за виталните интереси на Израел и неговото право на самоодбрана од терористички закани, што беше недвосмислено изразено и преку осудата на нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година.

Текстот Тероризмот е закана која бара одлучен, заеднички и координиран одговор: Пратеничка група на Собранието со израелската амбасадорка е превземен од МАКФАКС.