Полицијата поднесе кривична пријава против четири лица, од кои три од Гостивар и едно од Струга за терористичката организација по идеолошката матрица на ИСИС.

Осомничениот гостиварец, Г.М., на почетокот на годината создал терористичка организација во која членуваат Х.Б., Р.С. и Т.М., како и уште неколку засега непознати лица, па сите заедно формирале терористичка организација- „ќелија“ со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, со намера за изведување на терористички акт на цивилни или таканаречени меки цели, односно јавни објекти на територија на Македонија, објави МВР.

Г.М. формирал повеќе групи на „Телеграм“, во кои споделувал материјали на ИСИС и регрутирал нови членови, се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа требало да ги искористат за извршување на терористички напади. Х.Б., Р.С. и Т.М. членувале во дел од телеграм групите, каде што се споделувале преведени материјали кои претходно биле преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС.

Во домот на Г.М., пронајдено е оружје, два лап топ компјутери, полнач за лап топ, два мобилни телефони кои се доставени до Обвинителството.

„По извршената анализа на обезбедените електронски докази содржани во телефонот на Г.М., утврдено е дека тој формира и координира активности во својство како “војник на ИСИС тн. Исламска држава“ за медиумска промоција и заштита на терористичката организација, со намена за албанско говорно подрачје. Активностите се одвиваат главно на социјалната мрежа телеграм, при што Г.М. користи телеграм профили со кои што формира и администрира повеќе телеграм групи за организација и преработка на материјали преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС како што се: “AL-Hayat Media Center“ (официјален медиум на ИСИС), “EN-Nebe“ (официјален весник на ИСИС) и “Al-Bayan-Radio“ (официјален радио канал на ИСИС). Исто така, Г.М. формира неколку други телеграм групи во кои координира активности за ширење на агендата на ИСИС. Г.М. набавил повеќе фотографии со кои што се поттикнува извршување на терористички акти за време на новогодишните и божиќните празници со намера да ги сподели во телеграм групите кои што ги формирал за да поттикне извршување на терористички напади“, велат од полицијата.

Врз основа на добиени наредби за претрес на дом, на 15.12.2024 извршен е претрес во дом и други простории кај лицата, при што пронајдени и одземени се повеќе мобилни телефони, лап топ и деск топ компјутери, таблет, преносна меморија, видео рекордер, разна документација, листови хартија со натписи на арапски и албански јазик, прстен со амблем на ИСИС, книги со литература на арапски јазик и друго.

Истиот ден, сите лица се лишени од слобода и на 16.12.2024 се изнесени пред судија на претходна постапка, од чија страна им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.