Бришењето на терминот „20%“ од Уставот и негова замена со зборовите „албански јазик“ не е вклучено во листата на приоритети на премиерот Димитар Ковачевски и покрај изјавите на неговиот владејачки партнер, лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, дека нема да се откажат од ова барање. За Ковачевски, сегашниот фокус треба да биде ставен на вклучувањето на Бугарите во Уставот, пишува Алсат.

Претседателката на работната група за уставни измени, Маргарита Цаца-Николовска, исто така, вели дека групата што ја предводи нема мандат да разговара за албанскиот јазик. Таа додаде дека деловникот за нивната работа се очекува да биде усвоена во петок.

Но, министерот за правда, Кренал Лога, кој е основач на оваа комисија, не мисли така. Тој постојано повторува дека иако преамбулата е приоритет, сепак не треба да се запостави и бришењето на терминот „20%“. Дополнително, лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вчера од Вашингтон рече дека нема да се откаже од ова барање.

„Нашето барање и на сите албански политички партии е 20% да се укине, практично албанскиот јазик во Македонија е службен јазик, но се нарекува како јазик што го користат 20 проценти од населението. Нашето барање е ова 20% да се замени со албански јазик и тоа го поддржуваат сите албански партии во Македонија кои имаат пратеници во Парламентот, а македонските партии барем декларативно велат дека тоа не им пречи. Кога се случија уставните измени во Преспа во 2019 година, од сите македонски партии имавме ветување дека на следното отворање на Уставот албанскиот јазик ќе биде официјален и тоа не како 20%, како број, туку како албански јазик“, рече Таравари.

Покрај Таравари, сите други албански партии, но и претседателот Стево Пендаровски, рекоа дека поддржуваат бришење на терминот „20%“ од Уставот.