По видеото кое ја вознемири јавноста, а на кое лице од Радовиш на „Тик-ток“ ја тепа сопругата, за која се верува дека е бремена, МВР поднесе кривична пријава и го приведе мажот.

Од полицијата велат дека СВР Струмица ги презела сите службени дејствија кои се во надлежност на полицијата, поврзани со конкретниот случај, и насилникот е приведен.

Насилството било пријавено од мајката на жртвата, по што 35-годишниот А.А. бил приведен и задржан во полиција. Бил извршен и службен разговор и со нападнатата жена, во присуство на социјален работник, при што таа кажала дека видео записот е од јули 2024 година, иако јавноста дополнително ја вознемири тоа што видеото се појави на платформата како пренос во живо.

Сопругата, истотака изјавила во полицијата дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка.

„Бидејќи во конкретниот случај постои сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2 во врска став 1 од Кривичниот закон, каде во став 5 од истиот член стои дека гонењето се презема по поднесување на предлог за гонење, од жртвата било изјавено дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, по чии насоки биле преземени и понатамошните мерки. Врз основа на преземените мерки, од страна на ОВР Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш на 25.03.2025 е поднесена кривична пријава против А.А. поради постоење на сомнение дека сторил кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2, а во врска став 1 од Кривичниот закон. Продолжуваат да се преземаат дејствија за целосно испитување на настанот“, велат од МВР.

На снимката која се појави вчера жената не се гледа, но се слуша нејзиниот глас, додека лицето замавнува кон неа.