Во тензична и напната атмосфера помина денешната подготвителна седница на Регулаторната комисија за енергетика на која се решаваше за цената на електричната енергија, дознава Алсат. Наместо да се постигне договор за цената на струјата која ќе треба да важи за следната година, претставниците на државните енергетски компании биле незадоволни од дел од одлуките на регулаторот бидејќи најголемиот дел од пријавените трошоци не им ги признале. Информациите до кои дојдовме се дека енергетските компании најавиле и тужби за Регулаторна. Она што е сигурно е дека утре попладне на нова седница ќе биде одлучено дали граѓаните ќе имаат повисоки, пониски или идентични трошоци за електрична енергија во периодот што следи. Најавите на власта се дека цената нема да се зголеми, но тоа не може да се земе со сигурност бидејќи Регулаторната комисија за енергетика е независно тело и таа го има последниот збор. Лани струјата поскапи за 7,4 отсто.
Advertisements