Кипарските власти објавија дека телото пронајдено минатиот месец на плажа на југот од земјата е идентификувано. Станува збор за поранешниот извршен директор на најголемиот производител на калиум во Русија, кој беше приведен во Белорусија во 2013 година под обвинение за оштетување на белоруската економија.
Полицијата од британска воена база соопшти дека ДНК анализата потврдила дека станува збор за Владислав Баумгертнер (53), кој исчезнал од својот дом во крајбрежниот град Лимасол на 7 јануари. Неговото тело е пронајдено една недела подоцна на плажата Авдиму.
Во тек е истрага за околностите и причината за смртта на Баумгертнер. Неговото семејство е информирано. Плажата Авдиму се наоѓа во рамките на една од двете воени бази што Обединетото Кралство ги задржа откако Кипар доби независност од британската колонијална власт во 1960 година. Базите имаат своја полиција и судови.
Баумгертнер живее на Кипар во последните неколку години. Тој престојувал во стан над неговата канцеларија во Лимасол, град каде што живеат голем број руски емигранти.
фото/епа
Текстот Тело на руски бизнисмен пронајдено на плажа на Кипар е превземен од МАКФАКС.























