Телата на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија во која настрадаа наши сограѓани, авионски ќе бидат донесени во петок, а преку организиран државен протокол останките ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови. Во текот на вчерашниот ден уште тројца од повредените пациенти кои се лекуваа во болницата „Пиргов” во Софија, се вратија во државава.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера информираше дека предавањето на телата на нашите сограѓани кои ги загубија животите во автобуската несреќа ќе биде направено преку организиран државен протокол.
– По остварениот разговор со бугарскиот обвинител од Софија, надлежен за трагедијата од 23 ноември, г-дин Сарафов, сакам да ја информирам јавноста дека е донесена одлука за предавањето на телата на нашите сограѓани кои ги загубија животите во трагичната несреќа, во четврток 2 декември. Владата на Р. Бугарија го прифати нашето барање преносот од Софија до Скопје да се изврши со авион на Р. Бугарија, додека од меѓународниот аеродром Скопје, преку организиран државен протокол истиот или наредниот ден петок 3 декември, останките ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови, објави на својот Фејсбук профил Османи.