Израелските власти го повикаа Меѓународниот кривичен суд (МКС) да не издава налози за апсење на високи израелски функционери и порачаа дека ќе продолжат да се борат.

„Очекуваме судот (МКС) да се воздржи од издавање налози за апсење на високи израелски политички и безбедносни функционери. Ова нема да не одврати, нема да ја наведнеме главата и ќе продолжиме да се бориме“, изјави шефот на дипломатијата Израел Кац.

Тој ги предупреди израелските амбасади да ја зајакнат безбедноста поради ризикот од „бран антисемитизам“.

Израел и САД прават дипломатски напори да го спречат Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на премиерот Бенјамин Нетанјаху и други израелски функционери поради војната во Газа, објавија израелските медиуми. Како што е наведено, Нетанјаху е загрижен дека таквиот потег може да му наштети на угледот на Израел на меѓународната сцена и е во контакт со претставници на администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден.