И покрај тоа што принцот Филип поголемиот дел од својот живот го помина во луксуз и опкружен со семејството, неговото минато било сосема поразлично. Уште од рана возраст, тој морал да научи да се снаоѓа сам, бидејќи неговото детство на моменти било застрашувачко.

Роден е во Вилата Регенси, на островот Крф на 10 јуни 1921 година како прв син на принцезата Алис од Батенберг и принцот Ендру од Грција и Данска, а неговото име официјално е заведено како Филипос. Парот веќе имал три ќерки, но како прв син, Филип бил шести по ред за грчкиот трон.

Таткото на Филип служел војска кога Турција ја нападнала Грција во 1922 година, а поради непочитување на наредбите за време на една од битките бил обвинет за предавство и бил прогонет.

Неговата мајка, принцезата Алис, правнука на кралицата Викторија, страдала од вид на психоза и во 1931 година присилно била затворена во швајцарски психијатриски санаториум откако доживеала нервен слом. Кратко потоа, неговиот татко се преселил на југот на Франција за да биде со неговата љубовница.

Сите сестри на Филип се омажиле за германски благородници во рок од девет месеци и го напуштиле домот, оставајќи го сам кога имал само десет години. Од летото 1932 година до пролетта 1937 година, тој не ја видел својата мајка и не добил никаква вест за неа. Никогаш не му испратила ниту роденденска честитка. Подоцна дознал дека таа станала монахиња.

Во едно интервју години подоцна, кога еден новинар го прашал Филип на кој јазик зборува дома, тој одговорил дека не знае што е тоа дом.

Постариот брат на неговата мајка Џорџи се грижел за него седум години. По неговата смрт, Филип бил воспитуван во Велика Британија од страна на лорд Луис Маунтбатен, другиот негов вујко, кој го испратил на школување во интернат во Шкотска.

Додека студирал таму, Филип дознал дека неговата омилена сестра, која во тоа време била бремена со своето трето дете, починала во авионска несреќа во Белгија со нејзиниот сопруг Џорџ и нивните два малолетни синови.

Една година подоцна Филип го напуштил училиштето и започнал да учи на Кралскиот поморски колеџ во Дартмут, каде ја запознал младата принцеза Елизабета кога имала 13 години. Тие се вљубиле и се венчале кога таа имала 21 година, а останаа заедно до денес, кога принцот почина на 99-годишна возраст.