Александар Наунов, татко на Надица која го загуби животот во трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска се обрати пред јавноста, испраќајќи емотивна порака за загубата на својата ќерка и барањето одговорност за, како што рече, системските пропусти што довеле до трагедијата.
Наунов истакна дека маршот е посветен на „ангелите“ кои ги загубија животите, а неговото обраќање дојде еден ден пред 28 декември, датумот кога неговата ќерка Надица требаше да го прослави својот 18-ти роденден.
Тој се присети на последните моменти поминати со своето дете, кога семејството заедно ручало и зборувало за подготовките за роденденската прослава – музиката, гостите, фустанот и соништата што Надица ги имала за иднината.
„Тоа не беа само планови, тоа беше живот што го очекувавме. Но на 16 март сè згасна“, рече Наунов, додавајќи дека со загубата на ќерката, нивниот дом бил исполнет со тишина која, како што рече, боли повеќе од секој крик.
Во своето обраќање, таткото на Надица директно ја посочи корупцијата, немарот и институционалните пропусти како причини за трагедијата, нагласувајќи дека неговата ќерка „не заминала по Божја волја“, туку, како што рече, била „земена од систем што требало да штити, а не да убива“.
Наунов истакна дека од денот на трагедијата неговиот живот е борба за правда и дека нема да престане да зборува и да се бори додека одговорните не сносат последици.
„Сакам правдата да биде гласна, колку што беше тивка нивната совест“, порача тој, додавајќи дека единствената негова молба е да има сила да го дочека денот кога ќе може да каже дека правдата е задоволена – не само за неговото дете, туку и за сите деца кои ги загубија животите.
Маршот за правда продолжува како симбол на барањето одговорност и вистина за трагедијата во Кочани, а семејствата на загинатите најавуваат дека нема да се откажат од својата борба сè додека, како што велат, љубовта кон нивните деца не се претвори во праведна разрешница.
Текстот Таткото на загинатата Надица во „Пулс“: До последен здив ќе се борам за правда за моето дете е превземен од МАКФАКС.























