Дванаесет години казна е награда за ова најбрутално убиство во сообраќајот, изјави таткото на усмртената Фросина, Тодор Кулаков. Тој повика на нови протести пред судот и Судскиот совет, порачувајќи дека симболично, со црвени раце треба да биде залепен целиот суд.

„Ова е држава во која дилери на дрога и немилосрдни убиства се прогласуваат за светци – спортисти, посветени студени, според зборовите на одбраната. Пресудата е срамна и тажна за целото општетство“, рече Кулаков.

Тој укажа и дека никој во постапката не посветил внимание на, како што рече, мноштвото од сведоците кои биле прикриени, за уништување клучни докази, како оние на совозачот Лорен, кој додека се возеле снимал, а потоа таа снимка ја избришал, според тврдењето на Кулаков.

„Лорен е син на познат скопски кафанџија и затоа ја има цела заштита од системот. Судот е чиста мафија и такви пресуди носи. Лорен како клучен сведок кој никаде не фигурира требаше да добие кривична за уништување докази за убиство и сигурно од таа снимка ќе произлезеа докази за нови кривични дела, а казната ќе беше погголема и за него и за другите тројца во колата. Овој систем ги скри нив. Системот треба да одговара за соучешништво во прикривање на убиство“, рече таткото на Кулакова.

Многумина, вели родителот, на душа ќе ја носат неговата ќерка која е ангел.

„Арам да им се парите и се друго што добиле како компензација. Бог нека им суди, ние не се откажуваме“, рече Кулаков.

Тој претходно кога беше изречена пресудата од 12 години затвор за Васил Јованов, ја напушти судницата со зборовите „Судот-мафија“.

Јованов на 29 јануари, без возачка дозвола, управуваjќи возило со брзина од 91 километар на час под дејство на алкохол, на пешачки премин на Партизански одреди удри во Фросина Кулакова, која ја минувала улицата на зелено светло. Кулакова од силината на ударот почина на самото место.