На Американците од денеска им е забрането да користат „Тик-ток“, што претставува голем проблем за инфлуенсерите кои ја започнале својата кариера преку оваа апликација и кои заработиле најмногу приходи од објавување содржини на оваа социјална мрежа.

Еден од најпопуларните американски тиктокерки се сестрите Чарли и Дикси Д’Амелио, а нивниот татко Марк зборуваше за затворањето на „Тик-ток“, осудувајќи го потегот на американската влада.

„Толку е неамериканско нашата влада да забрани нешто што беше толку суштински дел од животот на просечниот американски граѓанин – да има платформа за слободно изразување и да ги заштити нашите права од Првиот амандман“, изјави нивниот татко за Тајмс.

„Ние сме на ‘Тик-ток“ речиси пет години, почнавме кога тој сè уште беше во раните фази, така што успеавме да ги искористиме сите позитивни работи што ги добивме од платформата“, додаде тој.

„Ова ќе биде огромен удар за секој што ќе изгуби половина од својот бизнис и потенцијалните следбеници. Благословени сме и среќни што имавме можност да бидеме поврзани со Тик-ток пет години“, продолжи Марк, додавајќи: „Повеќе сум загрижен за луѓето кои се нови и кои ја користеле оваа платформа за да ги развијат своите мали бизниси, јас сум загрижен и за малите креатори чиј приход зависи од „Тик-ток“.

Марк, исто така, ги критикуваше причините за забраната.

„Ако владата сака да не заштити, дали не штитат и од други платформи? Тогаш треба да се забранат сите социјални мрежи, а не само Тик-Ток“, заклучи тој.

Иако тој силно го критикуваше исклучувањето на „Тик-ток“, според Тајмс, Марк не е загрижен за финансиската иднина на неговото семејство.

Форбс процени дека Чарли Д’Амелио, која е најследената Американка на „Тик-ток“ со 156 милиони фанови, заработила дури 4 милиони долари само од платформата на социјалните медиуми од 2019 до 2020 година.

Во 2022 година, Форбс ја рангираше како најплатена ѕвезда на ТикТок. Минатата година таа беше четврта на листата на Форбс за најдобри креатори (и прва жена креатор на листата) со вкупна заработка од 23,5 милиони долари.

Таа вкупна заработка ги вклучува сите нејзини потфати, не само „Тик-ток“. Сепак,Д’Амелио и другите најпопуларни креатори заработуваат околу 30 до 50 отсто од своите пари од Тик-ток, според „Индепендент“. Нејзината вкупна заработка до денес пораснала на 45 милиони долари.

Кинескиот „Тик-ток“ денеска престана да биде достапен за корисниците во САД, непосредно пред да стапи на сила забраната за апликацијата, пренесоа светските агенции.

Апликацијата повеќе не е достапна во продавниците за апликации на „Епл“ и „Гугл“.

Популарната социјална мрежа се потпира на поддршката на Доналд Трамп за да ја врати и да ја одржи легална во САД. Иако претходно во неговиот мандат ја поддржа забраната за „Тик-ток“ неговите сегашни ставови се поумерени. Трамп рече дека мрежата игра важна улога во допирањето до помладите лица и изрази надеж дека апликацијата ќе остане достапна.