Скопското Обвинителство отвори истрага за татко и неговиот 18-годишен син, осомничени за насилство. Поведена е постапка и против вториот син на возраст од 15 години во согласност со Законот за правда за децата.

Таткото на возраст од 41 година, заедно со синовите од кои едниот на возраст од 18 години, а другиот 15-годишно дете, дошле пред семејната куќа на еден оштетен во селото Батинци и започнале да му се закануваат, поради претходна расправија на оштетениот со детето. Во еден момент, почнале да го удираат со клоци и тупаници по главата и целото тело, од кои удари оштетениот паднал на земја. Додека лежел на земјата, детето го удирало и со камен, па оштетениот се здобил со тешки телесни повреди – фрактури и други тешки повреди во главата и телото.

Сопругата на оштетениот паднала врз него за да го заштити од дополнителни удари, а притрчале и нивните деца и соседите. Со дејствијата на насилство, малтретирање, грубо навредување и загрозување на сигурноста, осомничените предизвикале чувство на несигурност и страв и кај членовите на семејството на оштетениот и во јавноста, соопшти Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за полнолетните сторители.