По завршување на редовниот состанок на кризниот штаб, министерот за здравство Арбен Таравари информираше за состојбата со пациентите, кои беа повредени во несреќата што се случи во Кочани.
Во македонските болници сите пациенти се во стабилна и добра состојба, рече тој и додаде дека планирано е 9 пациенти да бидат испишани на почеток на неделата, откако ќе им бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања.
– Надвор од државата се 115 пациенти, во критична состојба продолжуваат да бидат 5 пациенти, но состојбата на пациентите флуктуира. Седми ден е, нула починати. Нема ниту еден пациент кој починал. Очекуваме да се подобрува состојбата. Следната недела имаме најави за враќање на повеќе пациенти во државава – рече Таравари на денешната изјава за медиумите, по завршување на редовниот состанок на кризниот штаб.
Во пожарот во „Пулс“ загинаа 59 лица, а над 200 беа повредени. Трагедијата се случи за време на настап на групата ДНК.