Не е веќе тајна бидејќи коалицијата „Вреди“ одамна забележа дека постојат преговори меѓу Таравари и Ахмети со вмешаност на одредени личности од олигархијата, истакна на прес-конференција Изет Меџити од „Вреди“, по завршувањето на состанокот во коалицијата.

Преговорите како што рече Меџити, се воделе веќе неколку месеци.

„Јасно е дека преговорите имале за цел разединување на коалицијата „Вреди“ и враќање од клиничка смрт на ДУИ. Колкава била цената на оваа операција и дали вредело сето тоа, ќе се дознае многу брзо“ нагласи Меџити.

Резимираше, дека тие не го исклучиле Таравари од коалицијата, туку тој се самоисклучил.

Како што истакна, од нивната коалиција оцениле дека синоќешната одлука на Таравари откако биле исцрпени сите аргументи и понуди за да остане во заедничката изборна трка, нема поддршка од искрените гласачи на Алијансата за Албанците, ниту од партиските функционери, кои пред помалку од една година како што рече, ја подржале правилната одлука на таа партија за прекинување на соработката со партијата „која веќе тоне и повлекува со себе многу жртви“.

„ДУИ нема да се спаси без оглед на гумите кои ќе ги фрлат различните политички актери“, подвлече Меџити.

Коалицијата „Вреди“ оценува дека одлуката за настапи со одделни листи за советници, кога како што вели Меџити таа тема веќе била договорена, не се базира на ставовите на партиската база.

Тоа, според Меџити, е одлука донесена во интерес на ДУИ, и за која Таравари ќе мора да даде објаснување пред Албанците, но и пред гласачите на „Вреди“.

„И покрај сето тоа, коалицијата „Вреди“ денес одлучи да настапи заеднички на изборите и со советнички листи и со кандидати за градоначалници, а во наредните денови ќе се формираат и заеднички изборни штабови на „Вреди“ за заеднички настап на претстојните локални избори“, информира Меџити.