Градоначалникот на општина Гостивар и претседател на партијата Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во интервју за Гласот на Америка во Вашингтон вели дека албанскиот јазик не треба да стои како проценти туку како еден јазик кој што и формално и правно се користи во државата. Таравари вели приоритет на министрите од неговата партија во ресорите кои тие ги водат е да се намали корупцијата и да се зголеми довербата на граѓаните во правниот систем.

‘Видете, де факто и де јуре албанскиот јазик е јазик кој што се користи секојдневно во Македонија во сите институции. Целата филозофија која што ја дебатираме сега е дали ќе стои албански или ќе стои бројка дваесет проценти. Ние сметаме дека ова е момент кога нашите сограѓани Македонци и нивните претставници политичките партии ќе видат дека е стварно моментот да ја тргнеме таа бројка. Како што инсистирам и македонскиот јазик да се користи така како што треба кога се напаѓа од било која држава, така и албанскиот сметам дека не треба да стои како проценти туку само тие 20 проценти да се заменат со албански јазик. Од албанските партии апсолутно сите се за тоа, и од македонските јас не гледам поголема пречка и СДСМ и ВМРО и декларативно. Меѓутоа и меѓу нас кога зборуваме, па дури и претседателот на државата пред неколку дена кажа дека е апсурдно да се користат проценти за еден јазик кој што и формално и правно се користи во државата. Така да се надевам дека овој е моментот кога ќе ги направиме овие промени заедно со воведување на Бугарите во преамбулата и тераме понатаму со европската агенда која што нема друга алтернатива за нашата држава во која што живееме, вели Таравари.