Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари пред денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Фронтлајн.мк кажа дека неговата партија ќе влезе во составот на Владата само доколку се исполнат три услови.

– Еден од трите услови е да нема предвремени парламентарни избори пред 2024 година. Вториот услов е да имаме автономија на институциите кои ќе ги водиме, значи да нема ограничување. И третото е да има динамика, за тоа што ќе се договориме да се применува во пракса, кажа Таравари.

Тој не кажа кои министерства ќе ги бараат, туку истакна дека без разлика кои министерства ќе му се понудат сака да покаже дека може добро да ги менаџираат и да бидат во служба на граѓаните.

Како пример го наведе периодот кога беше дел од власта, односно министер за здравство и за кус период имаше значителни реформи во секторот.

На прашањето дали ќе се нафати да го води Министерството за здравство, Таравари кратко одговори – „зошто да не“.

Тој додаде дека се партија со 8 пратеници и очекуваат соодветни ресори со кои што ќе раководат, но нема да се согласи да водат т.н „министерства за бурек“.