Возачот Иле Гоцевски кој почина откако единаесет пати го мина патот од Кочани до Скопје со пациенти, ќе биде постхумно одликуван. Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека следната недела ќе го повика неговото семејство и ќе го одликува.
„Јас немам информација колку часови работел меѓутоа дека направил огромна работа за превоз на пациентите, тоа е неспорно. Јас планирам како Министерство за здравство постхумно неговото семејство да го викнам и да го одликуваме. Да помине оваа недела, идната недела планирам како министер да го одликувам постхумно“, рече министерот Таравари.
На новинарско прашање дали навистина возачот работел 30 часа и дали тоа е недостиг во службата, министерот со кусо одговори „во вонредни состојби сите работиме беа да гледаме во часовникот и во работното време“.
Возачот Иле Гоцевски, откако ги превезол сите повредени во пожарот во Кочани во неделата утрото кои можел да ги превез, се вратил дома да одмори и не се разбуди. Неговата смрт ја потврди министерот Таравари пред три дена, со објаснување дека срцето не му издржало.