Сите што грешеле, вклучително и лекарите, треба да одговараат, смета министерот за здравство Арбен Таравари по вчерашната полициска акција, која откри мрежа од 50 лица, кои со лажни дијагнози давале туѓа нега и инвалидски пензии.

„Првин се случи една акција во Геријатрија, тој беше член на нашата партија, утредента го разрешив од директор и следниот ден го исклучивме од партијата. Сите што грешат треба да одговараат. Ние не сме ниту полиција, ниту Јавно обвинителство, ниту ги следиме луѓето меѓутоа ги поздравувам овие акции. И јас имам информации дека има такви доктори, не се сите, не сакам да генерализирам, но таму каде што постојат сомнежи ги поддржувам со сета почит и стоиме како Министерство за здравство тука за да им помогнеме во сите вакви акции да се расчисти со криминалот и корупцијата“, рече министерот Таравари при денешната посета на кумановската болница.

Бирото за јавна безбедност вчера на територијата на повеќе градови во државава спроведе акција за сузбивање на организиран криминал и корупција во здравствениот систем. Мрежа од 50 луѓе со прикажување лажни дијагнози, овозможувале надоместок за туѓа нега и одобрувале инвалидски пензии. Во мрежата се откриени лекари, член на комисија во ПИОМ, адвокат, вешто лице и управител на консултантско биро. Претреси вчера беа направени и во здравствени ординации, адвокатска канцеларија, службени канцеларии каде работат осомничените лекари односно во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, во  Клиничката болница Тетово и во ЈЗУ Општа болница Велес. Против осомничените се поднесени кривични пријави за злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба и овластување, помагање, примање поткуп, давање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и давање награда.