Алијанса за Албанците ја обвини ДУИ за валкана предизборна кампања. Генералниот секретар на АА, Арбен Таравари вели дека партијата на Ахмети врши мобинг, притисок и политичка одмазда врз државните службеници кои не го делат политичкото убедување со интегративците.
„Алијанса за Албанците последниве денови доби многу пријави од граѓани, вработени во органи и разни јавни и државни институции, за вршење притисок, мобинг и политичка одмазда од страна на актуелната власт. Ова покажува дека како што правеа во секој изборен циклус, така и овој пат ДУИ започна со својата валкана предизборна кампања“, истакна Арбен Таравари.
Од Алијанса за Албанците велат дека ДУИ ова го прави намерно за да ги прикрие неуспесите на локалната власт, нереализираните ветувања и лагите.
ДУИ со контра-одговор. Велат дека Таравари е тој што го чувствува поразот на локалните избори, па поради тоа се труди да го прикрие она во што потфрлил во неговото раководење со Гостивар.
„Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Гостивар, Арбен Таравари, чувствува симптоми на губење. Би било добро тој да го реши проблемот со отпадот, кучињата скитници убијци, преоптоварениот сообраќај, недостигот од паркинзи и да ја напушти политичката агенда со измислици и пропаганда за да ги прикрие масовните неуспеси на Гостивар“, велат од ДУИ.
Локалните избори за градоначалници и советници ќе се одржат на 17 октомври, а предизборната кампања стартува 20 дена пред изборниот циклус.