Претседателот на Собранието, Таљат Џафери, направи преседан бидејќи за прв пат во македонската демократска традиција спречи одржување на седница на собраниска комисија, на која требаше да се разгледаат информацијата за трагедијата со модуларната болница во Тетово и автобуската несреќа во Бугарија, како и претставката на граѓанинот Мухаедин Беља, државен советник во Министерството на одбрана.

Спикерот Џафери денеска му забранил на претседателот на Анкетна комисија за заштита на слободите и правата на Граѓанинот, Халил Снопче, да одржи седница оти наводно таа  била свикана спротивно на Уставот, Деловникот за работа на Собранието и Одлуката за формирање на работните тела каде се забранува собраниските комисии да преземаат истражни и судски постапки.

Ваквата одлука на Џафери пратеникот Снопче го оцени како правна небулоза и навреда на правната логика.

„Претставува преседан во парламентарната историја претседателот на Собранието да поништи одржувањето на седницата на една комисија. Граѓанинот Беља поднел претставка до Собранието, но никој не му одговорил. Побарав информација од секретарот и претседателот на Собранието, но бев игнориран и затоа решив да закажам седница“, објасни пратеникот Снопче.

Тој тврди дека во дописот на Џафери, со кое го информира за поништување на закажаната седница, не се прави разлика меѓу закажана и одржана седница.

„Мислите дека сте Уставен суд и имате право да поништите акти и одлуки, преземени или со намера да бидат преземени обидувајќи се да ја вратите ситуацијата на почеток. Заборавивте ли дека сте прв меѓу еднаквите. Собранието не е ваша сопственост и не смеете да се однесувате според максимата „Собранието сум јас“, предупреди Снопче.

Во врска со објаснувањето на Џафери дека собраниските тела не смеат да преземат истражни или судски постапки, Снопче негира дека имал таква намера, туку како претседател на Комисијата сакал да ги разгледа претставките на граѓаните.

„Предмет на нашата анализа ќе беше улогата на носителите на јавните функции во прекршувањето на човековите слободи и права. Тоа ќе беше основа за покренување на постапка за евентуална одговорност“, објасни Снопче.

Според него, одлуката за формирање на работните тела на Собранието, освен подобрување на законската рамка за заштита на човековите права и спроведување на Конвенциите за заштита на човековите права, предвидува и разгледување на претставки на граѓаните и донесување соодветни ставови за нив.

Р.З.