Седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на која претседателот на Собранието, Талат Џафери требаше да одговара за прекршување на Етичкиот кодекс заврши експресно – за една минута. Спикерот нема да одговара за пцуењето насочено кон собраниските службеници затоа што мнозинството во комисијата не го ни прифати дневниот ред, па сѐ заврши во истиот миг кога и почна.
Пратениците во ВМРО-ДПМНЕ имаа транспаренти со себе сна кои беа напишани најсочните изјави на Џафери во непримерниот инцидент. Но кога претседателот на комисијата Панчо Минов го стави на гласање дневниот ред со единствената точка пратениците од мнозинството гласаа против тоа.
Со последните измени на Етичкиот кодекс, пратеник кој направил тешка повреда на Кодексот, за каква се товари Џафери, може да биде казнет освен со јавна опомена, и со суспензија од членство во работно тело во рок од еден месец или пак забрана да претседава со работно тело во времетраење од еден месец.
Веднаш потоа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, изјави дека од денес веќе не постоел Етичкиот кодекс. „Омаловажувањата, понижувањата, мобингот, непочитувањето е нешто што на дневна основа го доживуваат сите граѓани на државата, без разлика на верска, етничка или било која припадност. Вака функционира двоецот, СДСМ и ДУИ. Вака функционира во целата држава. Вака е со сѐ во државата“, рече Мицевски и нагласи дека со протестот на 18 јуни ќе бил почеток на крајот на оваа власт.