Во гостување во емисијата „Објектив“ на Македонската радио-телевизија синоќа Талат Џафери изјави дека настаните од тој 27 април се најлошото што може да и се случи на парламентарната демократија во нашата земја и порача дека тоа не би смеело ни да се помисли да се повтори.
– Можеби сите ние треба да простиме. За себе лично можам да кажам дека сум простил зашто функцијата ми налага по изборот да не прекинувам комуникација со опозицијата и со мнозинството пратеници во Собранието, но никој од нас не смее да ги заборави тие настани за некој иден парламентарен состав тоа да не го повтори. Кога сега би давал политичка анализа на тоа што се случи, би се косело со она што е моја функција. Но, општа е перцепцијата дека тогашното мнозинство, во чиј дел претходно бев, за жал, како резултат на односите во мандатите што се добија на изборите во 2016 година, не можеа да состават мнозинство и може да се третира како неподготвеност за пренос на власта според она што беше волја на мнозинството граѓани, рече Џафери.
Во однос на тензиите со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница за интерпелација на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и нивното обвинување дека авторитарно се однесувал и не им давал збор, по што ја напуштија седницата, Џафери одговори дека тој е претседател на Собранието и дека ја организира неговата работа според Уставот и Деловникот.
-Интерпелациите, пратеничките прашања и изборот на Влада и нејзини членови се три случаи кога се отстапува од принципот од член 80 од Деловникот за пријавување за збор, според кој последователно за секоја точка од дневниот ред за која се отвора дискусија пратениците се пријавуваат за збор во рок од една минута. Овие се три ситуации во кои не важи членот 80 и една минута „брзи прсти“ за пријавување, туку обврска на пратеничките групи и пратениците во овие ситуации е 24 часа пред почеток на закажаната седница да ми достават листа на учесници во расправата, рече Џафери, додавајќи и дека сите пратеници одделно навремено ги известил со писмо на 7 април за закажаната седница за интерпелација на министерот.