Нема ништо повкусно од добро зачинети и правилно испечени ребра, во кои уживате додека го јадете месото „до коска“.
Колку и да ви изгледа дека подготовката на сочни вкусни ребра е едноставна, се лажете. При готвењето на ова вкусно месо, кое е „заробено“ меѓу коски и мрсно ткиво, ако се направи една грешка, наместо вкусно јадење ќе добиете суво и тешко за џвакање месо, а во најлош случај и изгорено. За да го избегнете тоа, следете ги советите што ви ги даваат професионалните готвачи.
Отстранете ја мембраната
Прво и основно, ребрата не се нешто што можете само да го фрлите на скара и да го зготвите. Тие бараат добра подготовка пред готвење, а ако е направена како што треба, ќе добиете вкусен деликатес. Прво треба да ја отстраните мембраната која е од внатрешната страна на коските. Оваа тенка мембрана која има улога на сврзно тикво кое ги држи ребрата заедно, тешко се готви, а уште потешко се џвака. Исто така, таа ги спречува сосовите, зачините и чадот од скарата да се апсорбираат и да го омекнат месото. Затоа земете нож и со врвот полека одделете ја мембраната од едниот крај, па повлечете да ја излупите. Потоа можете да го зачините месото.
Правилно зачинете
Следен чекор е да му дадете вкус и мирис на месото, но внимавајте тоа да го направите правилно, затоа што погрешното зачинување може да го уништи јадењето. Ребрата се мрсни и слободно можете да ги зачините со комбинација од суви зачини и сос, наместо да искористите само едно. Прво нанесете на месото мешавина од суви зачини и добро втријте за да се впијат, па оставете ги 15-20 минути да отстојат. Пред да ги печете ребрата, можете уште еднаш да ги зачините. Внимавајте целите ребра добро да се зачинети. Следен избор е сосот.
Домашниот сос за скара е одличен, ако имате време да го подготвите. Ако не, изберете некој готов сос за скара. Но не брзајте со додавање, затоа што предвреме додадениот сос може да изгори. Прво гответе ги ребрата 15-ина минути пред да ставите сос и потоа продолжете со печење.
Не користете висока температура
За да добиете вкусни, меки ребра, не треба да ги ставите на жешка скара и само да ги оставите да се печат. Најдобро е претходно да ги зготвите во рерна, на температура од 180 степени, околу 1,5 до 2 часа, а потоа само 10 минути да ги печете на скара. Ова овозможува месото рамномерно да се зготви, додека со печењето на скара само ќе добијат прекрасна арома. Ако сепак се решите да не ги готвите во рерна, имајте предвид дека ребрата не се готват брзо како, на пример, плескавиците или колбасите.
Затоа ставете ги на пониска температура, односно додека готвите друго месо, ставете ги на крајот од скарата каде што не е толку жешко. Вртете ги често и при крај на готвењето ставете ги на делот каде што е најтопло, па печете ги 10-15 минути. За да бидете сигурни дека се готови ребрата, треба на едниот крај од коските да забележите како месото е повлечено околу 1 см., односно кон средината да биде позбиено.