Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека засега не е познато дали се потребни три дози од вакцините против Ковид-19 за да се одржи заштитата додека не се соберат повеќе податоци.
„Не знаеме дали се потребни засилувачи преку нови дози на вакцината за да се одржи заштитата од Ковид-19, се додека не се соберат дополнителни податоци, но тоа прашање го разгледуваат научниците“, соопштиле од СЗО како одговор на прашање од агенцијата „Ројтерс“.
Исто така, се наведува дека во моментов се достапни ограничени податоци за тоа колку трае заштитата со две дози вакцина против Ковид-19 и дека не е познато дали дополнителна, засилена доза, би била корисна и за кого.
„Фајзер“ денес објави дека наскоро ќе побара одобрување од американските регулатори за третата доза од нивната вакцина, чијашто примена, според нив, може значително да го зајакне имунитетот и да помогне во заштита од најновите мутации на коронавирусот во рок од 12 месеци од почетокот на имунизацијата.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.