Бројот на нови случаи на коронавирус за една недела е речиси двојно зголемен на глобално ниво во последните два месеца, приближувајќи се на највисоката стапка во досегашниот тек на пандемијата, изјави денеска во Женева генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.
„Бројот на новозаразени и смртни случаи продолжува да расте со загрижувачки стапки“, рече Тедрос на конференцијата посветена на состојбата во Папуа Нова Гвинеја и западно-пацифичкиот регион.
Тој вели дека е многу загрижен за можноста за многу поголема епидемија во Папуа Нова Гвинеја, поради што од витално значење за таа земја, како што рече, е да добие што е можно побрзо вакцини против Ковид-19.
Досега се пријавени повеќе од 9.300 случаи на коронавирус и 82 смртни случаи во земјата.
„Иако овие бројки се уште се пониски од другите земји, зголемувањето е драстично и СЗО е многу загрижена за потенцијалот за многу поголем обем на епидемијата“, рече Тедрос.