Светската организација во изминатите седум недели забележа најдолга серија на намалувања на неделно ниво од почетокот на пандемијата
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денеска објави дека бројот на новозаболени од коронавирус се намалил во последните седум недели, но дека бројот на смртни случаи не опаѓа толку брзо.
Ова е најдолгата серија на намалувања на неделно ниво од почетокот на пандемијата.
Гебрејесус во Женева изјави дека нивната цел е да се вакцинираат најмалку 70 проценти од светската популација до Самитот на Г7, кој ќе се одржи во Германија во 2022 година.
„Потребни ни се 11 милијарди дози вакцини за да ја постигнеме оваа цел“, рече првиот човек на СЗО.
Проценувајќи ја моменталната состојба кога станува збор за пандемијата, Гебрејесус изјави дека бројот на новоинфицирани е намален во последните седум недели.
„Иако бројот на нови инфекции на неделно ниво е најмал од февруари, бројот на смртни случаи не опаѓа толку брзо. Бројот на смртни случаи пријавени минатата недела беше сличен на претходниот. Повеќе од 10 000 луѓе умираат секој ден. Повеќе од 420 луѓе ќе умрат само за време на оваа прес-конференција“, рече Гебрејесус.
Тој, сепак, посочи дека намалувањето на бројот на заразени лица го „маскира“ алармантното зголемување на заразените и смртните случаи во многу земји, посочувајќи го ненадејното зголемување во Африка како особено загрижувачко бидејќи станува збор за област со мал пристап до вакцини.