СЗО предупреди на „зачудувачки хуманитарни потреби“ за окупираните палестински територии по последните напади, додека Црвениот крст повика да се соберат 16 милиони долари помош.
Официјални претставници на ОН и Црвениот крст го посетија Појасот Газа за да добијат увид во степенот на уништување за време на 11-дневните израелски напади, вклучувајќи оштетување на домови, училишта, болници и други установи.
Најмалку 254 Палестинци, вклучително и 66 деца, го загубија животот во израелските напади врз енклавата, што започнаа на 10 мај. Најмалку 12 лица, вклучително и две деца, беа убиени во Израел во ракетни напади извршени од вооружени групи од Газа.
Светската здравствена организација предупреди на „зачудувачки здравствени потреби“ низ окупираните палестински територии, велејќи дека конфликтот предизвикал уште поголемо раселување и ја влошил хуманитарната криза.
„Повеќе од 77.000 лица се внатрешно раселени и околу 30 здравствени установи се оштетени“, се вели восоопштението на СЗО.
СЗО соопшти дека „го зголемува својот одговор за да се обезбеди здравствена заштита на речиси 200.000 луѓе кои имаат потреба“.
Во меѓувреме, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ИЦРЦ) Роберт Мардини за Ал Џезира изјави дека бараат 16 милиони долари за луѓето во Газа.
„Иако ескалацијата беше пократка од порано, ќе бидат потребни неколку години да се обнови оштетеното за само 11 дена“, рече Мардини, повикувајќи на „значајно политичко решение за ставање крај на овој долг конфликт“.
Во последните израелски напади врз Газа се уништени 1.800 станбени единици и делумно уништени најмалку 14.300 станови и куќи, што предизвика десетици илјади Палестинци да побараат засолниште во училиштата на ООН.
Во нападите беа погодени 74 јавни згради, вклучувајќи ги и локалните општини. Израелски и официјални претставници на Хамас неодамна имаа одделни разговори со египетските власти за траен прекин на огнот.
Израел наметна копнена и поморска блокада на Газа откако Хамас дојде на власт во 2007 година на оваа густо населена и сиромашна територија на која живеат околу два милиона Палестинци.