Светската здравствена организација СЗО ја одобри вакцината против Ковид-19 на компанијата Модерна за итна употреба. Ова е петто одобрение на СЗО што веројатно ќе го забрза процесот на национални одобрувања за употреба на вакцината.
Целта е лековите, вакцините, дијагностиката да бидат достапни што е можно поскоро, се наведува во соопштението на СЗО.
Помошничката на главниот директор на СЗО, Мариангела Симао истакна дека е многу важно на располагање на бидат што е можно поголем број вакцини за да се надмине доцнењето во испораката, особено од Индија.
Индија, која е најголем производител на вакцини во светот, привремено го запре извозот поради незапаметеното разгорување на епидемијата.
Модерна неделава го објави планот за ширење на производствената мрежа, а со цел зајакнување на капацитетот до три милијарди дози во 2022 година.
Оваа американска вакцина веќе е одобрена во ЕУ, САД, Велика Британија и уште неколку земји меѓу кои Израел и Сингапур.
Вакцината на Фајзер/БиоНтек која исто така е направена по mRNA технологија е првата која беше одобрена од СЗО за итна употреба.
СЗО во моментов ги разгледува одобрувањата за кинеските вакцини Синофарм и Синовак, а одлуката се очекува до крајот на идната недела.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.