Новинските агенции „Франс прес“, „Асошиејтед прес“ и „Ројтерс“, заедно со „Би-би-си“, денес упатија заеднички апел до Израел да им дозволи на новинарите да влегуваат и да ја напуштаат Газа по 21 месец војна.

„Новинарите се соочуваат со многу неповолности и тешкотии во воената зона. Длабоко сме загрижени што гладот сега им се заканува“, се вели во заедничка изјава на агенцијата „Франс-прес“, американската „Асошиејтед Прес“, канадско-британската агенција „Ројтерс“ и британската агенција „Би-би-си“.

„Уште еднаш, ги повикуваме израелските власти да им дозволат на новинарите да влегуваат и да ја напуштаат Газа. Од клучно значење е доволно залихи од храна да стигнат до населението“, се инсистира во соопштението. Овие меѓународни медиуми изразија длабока загриженост за своите новинари во Газа, „на кои им е сè потешко да се издржуваат себеси и своите семејства“.

„Овие независни новинари беа очите и ушите на светот на терен во Газа. Сега се соочуваат со истите тешки услови како и луѓето за кои известуваат“, нагласија тие.

ОН и невладините организации предупредија за ризикот од глад во Газа. Израелската влада негира одговорност за недостигот. Во последните денови, има сè поголем број сведоштва од новинари на кои очајно им е потребна помош во Газа.

Тие опишуваат екстремна глад, недостаток на чиста вода и зголемен физички и ментален замор, што понекогаш ги принудува да известуваат помалку за војната, која започна откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година.

„Со месеци беспомошно бевме сведоци на драматичното влошување“ на условите за живот на неколку вработени во АФП и „нивната ситуација сега е неодржлива“, се вели во соопштението на новинската агенција, додека нејзиното Здружение на новинари предупреди дека ќе „ги гледа како умираат“.

Израел го обвинува палестинското исламистичко движење Хамас за експлоатација на страдањето на повеќе од два милиони жители на Газа, особено со пренасочување на помошта за да ја продава по високи цени или со пукање во оние што чекаат.

По почетокот на опсадата на Газа во октомври 2023 година, Израел воведе целосна блокада на територијата на почетокот на март, која беше само делумно ублажена кон крајот на мај, предизвикувајќи сериозен недостиг на храна, лекови и гориво. Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), независна организација со седиште во САД, вчера го повика Израел да престане да ги изгладнува новинарите и цивилите во Газа.

„Светот мора да дејствува сега: да ги заштити (овие професионалци), да ги нахрани и да им дозволи да се опорават додека други новинари не можат да дојдат да ги поддржат“, изјави регионалната директорка на CPJ, Сара Куда, во соопштението. Од крајот на 2023 година, единствените новинари на кои им е дозволено да влезат во Појасот Газа од странство се со израелската армија, а нивното известување е предмет на воена цензура.

За Франција, „ризикот од глад“ во Газа е „резултат на блокадата“ наметната од Израел.

„Недостатокот беше предизвикан од Хамас“, рече израелскиот портпарол Давид Менсер, обвинувајќи го палестинското движење за спречување на дистрибуција и грабеж на помошта. Хамас отсекогаш ги негираше таквите обвинувања.

Нападот од 7 октомври резултираше со смрт на 1.219 лица на израелска страна, претежно цивили, според официјалните бројки објавени од АФП. Од 251 лице киднапирано тој ден, 49 останаа во Газа како заложници, од кои 27 беа прогласени за мртви од војската.

Израелската војска уби 59.219 лица во Газа во одмазднички копнени и воздушни напади, претежно цивили, според бројките од министерството за здравство на Хамас, кои ОН ги смета за веродостојни. Невладината организација „Репортери без граници“ објави на 7 мај дека „израелската војска убила речиси 200 новинари, вклучувајќи најмалку 44 на должност“ во Појасот Газа.

Текстот Светските медиуми апелираат до Израел да им дозволи на новинарите влез и излез од Газа е превземен од МАКФАКС.