На 15-ти јули во салата на Филхармонија на РСМ ќе се одржи ексклузивниот концерт на светски познатиот бугарски виолинист Веско Ешкенази. Концертот се реализира од Институтот за европски концертни настапи FAME’S и бугарскиот Културно информативен центар, јавува Трибуна.

Во програмата на концертот се вклучени дела на Антонио Вивалди и Петар Илич Чајковски.
Маестро Ешкенази е концерт мајстор на еден од најдобрите оркестри во светот, Concertgebouw од Нидерландија.
Гостин концерт мајстор ќе биде виолинистот од Бугарија Евгениј Ноев.

FAME’S институтот е музички едукативен центар кој се занимава со професионален запис и музичка продукција, помага во креирањето на можности за млади таленти, им обезбедува образование и им помага во обогатувањето на нивните репертоари.
Институтот е редовен домаќин на млади талентирани музичари а и на веќе докажани музички артисти како Тимоти Редмонт, Оливие Троан, Алистер Кинг, Франциско Тристано, Роб Мазорек, Бенџамин Шварц, Петар Барсони, Конрад Ваналфен и самиот Веско Ешкенази .

Веско Ешкенази е концерт мајстор на Кралскиот оркестар во Амстердам. Од мали години покажува фантастични успеси како виолинист и уште на 11 години е прогласен за концерт мајстор на младинската филхармонија Пионир во Бугарија. Ешкенази има одржано концерти низ цел свет, бил солист освен во Холандија и во Лондонска филхармонија, англискиот Камерен оркестар, Филхармонијата на Монте Карло, Софиската филхармонија, Симфоничниот оркестар на Прага , Камерниот оркестар на Бах Берлин и други.
Како концер мајстор Веско Ешкенази работел со легендите на светската класична сцена, како Монсерат Кабаје , Пласидо Доминго, Алексис Вајсемберг, Јуриј Башмет, Рикардо Чаи, сер Колин Дејвис, Карло Марија Џулини и други.

Веско Ешкенази свири на виолина ,,Guarnieri del Jesu ” од 1741 година , сопственост на анонимен спонзор од Холандија.

Евгениј Ноев Николов е воспитаник на бугарската Консерваторија Панчо Владигеров. Од јануари 2024 е концерт мајстор на Софиската Опера и балет. Во 2018 година заедно со неговата сопруга италијанската пијанистка Татјана Мајони го создава дуетот ,,Арт и хармонија “. Тие настапуваат и учествуваат активно во голем број музички проекти во Бугарија и во странство.