Владимир Перев/Трибуна
Поминаа 118 години од оној Илинден 1903 година кога македонскиот народ востана за да се ослободи од петвековниот азијатски и сатрапски режим, наметнат од една империја на залезот на својата сила. Слободата на соседните народи, а пред сѐ слободното Књажество Бугарија беа симболот и патеводителот кон визијата за слобода, правда и еднаквост. Организаторот на Востанието беше најсилната организација на македонските бугари, ВМОРО, а основните двигатели беа членовите на Главниот штаб, Дамјан Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев, подкрепени од речи си целиот Централен комитет на Организацијата. Ние секогаш и со пиетет се сеќаваме на имињата на војводите од Македонија, учесници во востанието но и на оние доброволци, војводи и офицери дојдени од слободна Бугарија, да го дадат својот придонес кон слободата на својот народ во Македонија. Многумина од нив, тука ги оставија своите животи, најскапоценото нешто што можеше да биде дадено во борбата за слобода на својот, единствениот бугарски народ.
Илинден 1903 е Светлината на визијата за слободата на македонските бугари, како и сите други поробени народи во тогавашната Османска империја. Тоа е искрата во пепелиштата на спалената Слобода која никогаш, ниту до денешни дни нема да згасне, опстојувајќи низ времето и на идејните, идеолошките, но пред се на националните извитоперувања за нејзината суштина и за крајната цел на таа борба.
Неуспехот на востанието досега е многукратно објаснуван со сите можни научни и “научни“ објаснувања, секогаш обградени од методите и политиката на времето кога се работени, а “нашите“ времиња, како што добро знаеме, речи си секогаш биле недемократски. Пред се, тука главниот фактор е неприемливоста на царска (па и советска и путиновска) Русија кон слободата на Бугарија и нејзината независност, за потоа сето да мине кон презир, па дури и омраза насочена кон бугарскиот народ, па следствено на тоа и кон македонските бугари, носителите на Епопејата Илинден 1903.
Фердинад Први ја знаел таа работа, се сообразувал со неа, но неговите безумни амбиции насочени кон Константинопол, дополнително ја отежнуваат ситуација на востанатот македонски народ, водејќи го кон наредната национална катастрофа.
Бројките на убиените, обездомените и обесчестените по трагичната разврска на Востанието, се одамна познати. Многумина од нас се сеќават и си ги знаат своите претци, вградени со борбата и смртта во идеите на Востанието и ние секогаш со почит се сеќаваме на нив. Свеќите запалени на спомениците на Илинден 1903, се свеќи запалени и на безимените и напуштени гробови на сите наши блиски, кои паднале како херои и жртви, спротиставени на едно азијатско, нечовечко владение.
Да не се заборави, околу 30 илјади македонци ја напуштаат родната земја и заминуваат во слободна Бугарија, нивната единствена татковина, таму каде ќе бидат “свои меѓу своите“. Тоа е првата голема преселба на македонците во слободна Бугарија, за да по националните катастрофи во 1913 и 1918 година достигне бројка на фантастични 300 илјади луѓе, емигранти во сопствената татковина. Денес во Бугарија тие се околу 2 милиони и никогаш, никогаш не треба да ја заборават татковината од која дојдоа нивните претци и секогаш, секогаш да ја почитуваат и и служат на татковината која ги прифати како “свои и еднакви на себе!“
Разгромот на Востанието, недоразбирањата во Организацијата омаломоштена од загубите на своите ресурси, овозможи навлегување на српската вооружена пропаганда во Македонија, а неможноста да се интервенира од бугарска страна, како и незаинтересираноста на Дворецот, обземен со други “повисоки идеали“, за судбината на својот народ во Македонија, дадоа импулс на новите трагични собитија.