Тодорова сабота и оваа година традиционално се одбележа во Свети Николе. Настанот беше збогатен со културно-уметничка програма и традиционалните тезги, нешто од што дел беа голем број гости од околните градови, земјава и странство. Во рамки на Меѓународниот фестивал на изворен фолклор „Тодорица“ настапија околу 300 играорци од 12 уметнички друштва.

– Како што гледате, има луѓе не само од Свети Николе, туку и од соседните општини, а што е добро и добар дел од нашите иселеници коишто живеат во соседните градови низ Македонија, па дури и во странство, се денеска традиционално присутни на овој ден. Се надевам дека ќе им биде доста пријатно овој и утрешниот ден и ветувам дека во наредната година ќе имаме многу побогата и подобра програма, истакна градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев.

На настанот присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека денес не е тука за политика, а на светиниколци им порача честит празник, многу здравје и берикет.

– Ова е голем ден за светиниколци и јас сум тука само да го честитам денот и да ги поддржам во овие тешки моменти, бидејќи животот, навистина, станува сѐ потежок со оваа неспособна и криминална власт. Ние сме тука секаде онаму каде што има потреба да ги охрабриме луѓето дека многу било, ама уште малку останало до денот кога овие луѓе ќе заминат. Нормално, по заминувањето ќе треба да следи и одговорност. Уште еднаш, нека е среќен денот, нека е честит празникот и за многу години, пред сѐ здравје, среќа, берикет за сите наши сограѓани, порача Мицкоски.

Светиниколци, и покрај дождот, во масовен број беа излезени на улиците за празникот да го одбележат традиционално заедно со гостите. Задоволни од организацијата посочија дека традицијата треба да се зачува, а не да се искорени.