Во Собранието денеска беше пуштена во употреба заштитена соба, прва од ваков вид во Македонија, дизајнирана со највисоко ниво на заштита за строго доверливи документи.

Просторијата првенствено ќе ја користи Собранието и Комисиите кои работат со класифицирани информации, но во исто време таа ќе може да се отстапи за користење на останатите државни органи доколку имаат потреба за тоа и со одобрување на Собранието.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши објасни дека заштитена, тивка или глува соба – се некои од имињата кои ја означуваат оваа просторија изградена на начин што во неа или од неа не продираат електромагнетни бранови. Таа е дел од широк повеќегодишен проект што го финансираат Велика Британија, Шведска, Швајцарија, ЕУ и Холандија.

„Уште во 2017 година пратениците и од власта и од опозицијата се договорија ваква соба повеќе од потребни е да се изгради во Собранието, како дел од пакетот мерки за подобар надзор над тајните служби. Изградбата на оваа соба е многу повеќе од унапредување на условите за работа на трите надлежни комисии за следење на работата на безбедносните и разузнавачките служби. Заштитената соба ја унапредува надзорната улога на Собранието, на која сме особено фокусирани од почетокот на нашиот мандат. Заштитени соба не е сувопарно барање кое произлегува од Меморандумот за разбирање со ДИКАФ; таа е барање на НАТО. Оттука, процесот за нејзина изградба, набавка на опрема и операционализирање беа особено комплексни. Ми претставува особено задоволство да подвлечам дека моите претходнци, пратениците од предходните парламентарни состави, заедно со службите и партнерите истрааја во заложбата да се изгради оваа Соба според највисоките НАТО стандарди, со почитување на особено комплицирана тендерска постапка и примена на стандарди кои се во согласност со стандардите на НАТО“, изјави Гаши.

Претседателот на Собранието, изрази и уверување дека изградбата на оваа Соба и исполнувањето на строгите критериуми ќе ја зголеми довербата на граѓаните во Собранието и ќе ја подобри оценката и перцепцијата, особено имајќи во предвид дека за да се операционализира Заштитената соба, потребно беше да се исполнат сите стандарди и безбедносни протоколи неопходни за нејзина акредитација.

Како што додаде, членството во Европската унија и НАТО подразбираат реформи, чекори и стандарди не само за законодавниот дом, туку и за сите институции во насока на унапредување на стандардите и благосостојбата на нашите граѓани, односно доближување до вредности на Европа пред да сме дел од Европската унија.