Познатата српска водителка Сузана Манчиќ е мајка на две возрасни ќерки, Теодора (28) и Наталија (26), но малку е познато дека пред нивното раѓање, таа три пати била бремена, пренесува српски „Курир“.
– Јас сум силна жена и го прифатив сето она што ми се случи. Упорно се движев кон својата цел еден ден да добијам дете, а тоа не се случи сè до моментот кога сфатив дека морам да се смирам, да направам распоред во животот, да ги одложам сите обврски и да легнам во кревет за да ја „чувам“ бременоста. Тоа за мене беше нешто незамисливо, јас, која отсекогаш сум била здрава млада жена, без никакви проблеми, да го изгубам првото бебе, потоа второто, а потоа и третото – раскажала Сузана своевремено за „Хелоу!“
Фото: Инстаграм
Во својата книга открила дека сите три бебиња биле синови.
„Иако лекарите во сите три бремености ми велеа дека носам момче, не можам да 100 отсто да верувам дека сите биле синови, бидејќи во нашата традиција е да сакаме да раѓаме машки деца. Мислам дека со таквите одговори сакаат да ве стимулираат да продолжите да се обидувате. Но, јас сакав да имам син кој ќе се вика Александар, по татко ми, и син Стојан. Секогаш ги сакав тие стари, архаични имиња. Не познавав ниту еден Стојан, но секој ден одев на училиште по улицата „Стојан Новаковиќ“ и некако тоа име секогаш ми звучеше цврсто. На првиот ултразвук со Теодора, бев убедена дека повторно носам момче. Кога лекарот ми рече дека е девојче, реков дека е невозможно и се расплакав. Но, мојата голема желба за машко дете настана од многу себична причиа. Јас бев ќерка единица и во животот морав да бидам и маж и жена, и сама да се изборам против сите забрани, родителски, училишни, социјални, чаршиски. Морав сама да обезбедам заштита и оправдување, сето тоа што го идеализирав за да бидам во улога на постар брат кој никогаш не сум го имала. Сакав мојата ќерка да го има.“
Како, всушност, изгледала борбата за потомство на Сузана.
„Првото бебе го изгубив на самиот почеток, во третиот месец од бременоста. Тогаш се покажа дека имам дворога матка, како и многу жени, која е предуслов за проблеми и прекинување на бременоста. Кога забременив вторпат, во вториот месец доживеав компликации и лекарот ми направи киретажа, после што морав да пијам силни лекови. Закрепнав и набрзо со Билјана Јефтиќ и Александар Илиќ отидов на музичкиот фестивал во Јужна Африка. Третата вечер од престојот во Јоханесбург се разбудив во локва крв. Тој страв и таа беспомошност не можам да ги опишам. Се испаничив, што ако умрам, се прашував што да правам, не знаев кој во која соба престојува во хотелот. Беше агонија. Меѓутоа, во целата таа несреќа имав и среќа, бидејќи претходниот ден ми се јави пријателка на мајка ми, која живееше во тој град со нејзиниот сопруг. Ме однесоа во еврејската гинеколошка клиника, каде што лекарот ми направи ултразвук и ме праша дали сум имала прекинета бременост. Реков „да“, а тој ме праша каде го сторив тоа. Реков: „Во Европа“, на што повторно ме праша: „Но, каде?“ Одговорив: „Во болница“. Потоа го сврте екранот кон мене и го покажа недопрениот плод. Скокнав од столот, солзи ми течеа и од страв и од среќа, а најмногу од неверување поради сè што претходеше. Сфатив дека сум имала близначка бременост и дека вториот плод ја преживеал киретажата. За жал, детето го изгубив во четвртиот месец од бременоста во Белград, во страшни болки и маки. Физички, тоа беше најболното искуство во мојот живот. Мислев дека ќе умрам. Последното бебе го изгубив во шестиот месец од бременоста. Тогаш всушност и се породив, иако лекарката веднаш по породувањето ми рече: „Не се надевајте“. Детето не преживеа, немаше доволно развиени бели дробови. Најстрашно беше кога ми донесоа да ја потпишам потврдата за смрт. Тоа беше сурово.“
Фото: Инстаграм