Пишува: Никица Корубин
Шокот што го предизвикува американскиот претседател Доналд Трамп на дневна основа, со десетиците извршни одлуки, иако за сега насочени кон непосредните соседи (Мексико, Панама и Канада) или кон главните противници (Кина); всушност би требало да ги загрижи малите и целосно економски и енергетски зависни држави, како нас, Северна Македонија. Белким, некој не мисли дека кога ќе се реализира MAGA (Make America Great Again), односно кога “Америка повторно ќе биде голема”, ќе има место и за други кои живеат во сонот на грандиозноста, во историските фикции на “големи” држави. Примери, колку сакаш, особено од регионот.
Но, колку всушност постоечкиот меѓународен правен поредок е егзистенцијално битен, не за соништата за “големи” држави, туку за нивен опстанок како држави, покажува оваа директна и разголена од политичка коректност, демонстрација на Доналд Трамп и неговата нова администрација. Па, кога за најголемиот (и најблизок) сосед, Канада вели: “Плаќаме стотици милијарди долари за субвенционирање на Канада. Зошто? Нема причина. … Без овие големи субвенции, Канада престанува да постои како одржлива земја. Сурово, но вистинито!”; дали може некој да не се препознае?
Со тоа што, нас доволно ќе не погодат и десетиците милиони долари, кои сигурно ќе достигнат во овие 30-тина години и милијарда; само од суспендираните програми на државната американска агенција УСАИД. Се разбира дека тука не се “бројат” сите останати американски програми, а за европската помош, дали преку програмите на ЕУ или директни неповратни финансии од земјите од ЕУ, не сме ни почнале да говориме.
Па, кога Трамп, би ни се обратил директно нам, тоа би гласело идентично како кон Канада, а хипотетичката констатација никој не би посакал да ја слушне: “Без овие субвенции, Северна Македонија, престанува да постои како одржлива земја”. И со тоа на ум, кое повеќе не е претпоставка, туку реалност, дали се уште некој верува дека без (итно) членство во ЕУ, ние сме одржлива држава, во целосно променети и заострени гео-политички односи? Идентитетски опстанок, а не идентитетски гаранции.
Логиката на Трамп е многу едноставна, капиталистичко-либерално заснована, произлезена од духот на западната култура: државата мора да биде самоодржлива, потпирајќи се на сопствените ресурси, знаења, вештини и пазарно, односно трговски ориентирана. А, кога сме кај трговијата, таа прастара основа за цивилизациски развој, целосно е јасна (иако брутална) неговата позиција кон Гренланд и Панамскиот канал.
Ама, за тоа е потребна минимална историска наобразба, од онаа “историјата базирана на факти” од која нашата наследена партиско/клановско/политичка елита има паничен страв. Полесно е, иако крајно апсурдно и смешно, да се идентификува со политиката на Трамп, заборавајќи дека во приказната, метафорички ние сме Гренланд или Панама, а не Америка.
Затоа што стратешкото партнерство со држава од рангот на САД, означува “обврска”, а не само “право” на гаранцијата за постоење како држава (Преспански договор, Рамковен договор, Договор со Бугарија, Преговарачка рамка, НАТО членство). Сите параметри и предуслови, сосе стотиците милиони долари и евра, ни се дадени. Поточно “им се дадени”.
На сите “избрани” невладини организации, аналитичари, новинари, медиуми, државни институции, академија, факултети, секакви комори и синдикати; кои биле обилно “финансирани и згрижени” низ годините, за да новата држава Северна Македонија, најпрво опстане, а пото и самата придонесе, во меѓународниот правен поредок, со своето демократско и базирано на владеење на правото, поведение.
Во духот на доминантната “западна цивилизација”, која патем речено потекнува токму од регионот на Источниот Медитеран, од кој, преку таргетираното проблематизирање на односите со стратешките соседи Грција и Бугарија (со кој го делиме македонскиот простор) сакаат, вештачки да не одвојат. Преку хегемонистичкиот, од оние локалните историски фикции за големи држави, по примерот на “српскиот свет”. Затоа што она што е битно, е територијата која води до трговските рути. “Територија или држава”, не е воопшто прашање, туку врвен национален интерес.
Сите патишта на старата Атина (денешна Грција) воделе до земјата на Скитите. До денешна Украина. И денес и секогаш, најголемите светски житници се таму. Целиот систем на градови-колонии на бреговите на Мала Азија (денешна Турција), воделе до Босфор, преминот од Црното кон Егејското море. Од другата страна земјата на Траките, најголемите воини на стариот свет (денешна Бугарија). Градовите-колонии на Халкидики воделе кон Македонија и Пајонија. Најсилната морнарица, после Феникиската, ги чувала трговските рути, односно животот на луѓето на старата Хелада. Ја чувала цивилизацијата. Трамп, всушност преку Гренланд и Панама, ги чува трговските рути на САД и на западниот свет. Ја чува цивилизацијата на која сите припаѓаме.
И тоа ќе станува се’ повидливо и побрутално. Светот се враќа на суштинскиот темел на цивилизацијата, но во сменети околности. ЕУ, како најголем политички, економски и вредносен сојуз, заедно со САД, дури сега станува неопходност, за опстанокот на многу држави. Затоа што демократија и владеење на правото, во кој секој може да го искаже својот став, е простор кој се брани и чува. И членството во ЕУ е гаранција сама по себе, а не таа што дава гаранции.
И тоа како вистински стратешки партнери на САД, ги прави уставните измени, прашање на опстанок на државата. И животот кој го познаваме. Се чини дека е лесно да се биде (про-форма) про Европеец и про Американец со европски и американски пари, да видиме каква ќе биде ситуацијата без пари? Само што правото на став и мислење, не доаѓа по автоматизам, туку само и исклучиво во демократија. Сите права ги искористивте, ќе ги видиме ли конечно обврските? А, тие знаеме кон кого се. Никогаш нема(ло) ништо бесплатно, зарем не?