Хуманитарната организација „Support Kocani“ вчера ја прими првата испорака од специјализирана компресивна облека, наменета за лицата повредени во трагичниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“. Овие медицински помагала се испратени од бугарската компанија „Хелт2000“, која е реномирана во областа на медицинската опрема и терапевтски средства. Потсетуваме дека иницијативата упати голема благодарност до компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000, кои одобриле попуст од 19.600 лева, (речиси 10 илјади евра) од цената на испораката, пренесува Трибуна.
Со пратката пристигнаа и тим од медицински експерти од Бугарија, како и претставници на компанијата „Јузо“ од Германија и Холандија. Тие одржаа едукативна сесија за правилно користење на компресивната облека – неопходна во третманот и рехабилитацијата на пациенти со тешки изгореници и кожни трансплантации.
Средствата за набавка на првата пратка, во вредност од 923.458 денари, целосно ги обезбеди „Support Kocani“ со поддршка од граѓани и компании преку донации. Организацијата информираше дека веќе се собрани финансии и за следната испорака.
„Кочани памети, Кочани се грижи“, беше пораката што ја упатија од организацијата, изразувајќи благодарност до сите кои се вклучија во акцијата со хуманост и солидарност.