Граѓанската иницијатива Support Kocani ја исплати првата фактура за набавка на компресивна облека во вредност од 923.458 денари, средства што се целосно обезбедени преку донации од хумани граѓани, пријатели и поддржувачи. Тоа го објавија самите тие во социјалната мрежа Facebook, јавува Трибуна.
Компресивната облека е наменета за повредените лица и се очекува да пристигне во Кочани околу 16 јуни. Истата е закупена и доставена од фирмите Julius Zorn GmbH од Германија и Health 2000 од Бугарија. Истовремено, обезбедени се и средства за втора тура на компресивна облека, за која на 16 и 17 јуни повторно ќе пристигнат експерти од Бугарија, со цел да започне процесот на земање индивидуални мерки за новите корисници.

Голема благодарност од иницијативата беше упатена до компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000, кои одобриле попуст од 19.600 лева, (речиси 10 илјади евра) со што овозможиле овие помагала да стигнат до што поголем број повредени.
„Иако некои процеси траат подолго додека да бидат целосно завршени, ова е уште еден доказ дека кога има волја – има и начин. Ви благодариме на сите вас – граѓани, пријатели, непознати хумани срца – покажавте што значи вистинска солидарност“, објавија од Support Kocani.