Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ (SupportKocani) ја информира јавноста за состојбата со донациите и реализираната помош заклучно со 19 август 2025 година. Оваа иницијатива, која беше формирана веднаш по трагичниот настан на 16 март 2025 година во Кочани, продолжува да работи транспарентно, координирано и во интерес на сите засегнати лица и нивните семејства.

Еден од најважните сегменти на помошта е набавката на специјализирана компресивна облека, која е неопходна во долготрајниот процес на третман и рехабилитација на преживеаните од изгореници.

– прва пратка – 149 парчиња, во вредност од 923.458 денари;

– втора пратка – 43 парчиња, во вредност од 283.802 денара;

– трета пратка – 176 парчиња, во вредност од 2.193.047 денари.

Со овие три пратки досега се обезбедени вкупно 368 парчиња компресивна облека, кои веќе се испорачани и предадени на Општата болница во Кочани за користење од страна на преживеаните лица.

Дополнително, значаен дел од средствата се насочени кон директна поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, како и кон лицата што сè уште се хоспитализирани таму.

Досега се донирани 100 комплети T-LAB PRP KIT и 10 комплети Exomine SMART KIT, со вкупен износ од 267.000 денари, 4 пакувања протеини и 4 пакувања аминокиселини, со вкупен износ од 19.120 денари и сет кремови за подобрување на еластичноста на кожата, со вкупен износ од 53.428 денари.

Овие материјали се наменети за третман на рани, регенерација на кожата и подобрување на процесот на рехабилитација, со цел полесно и побрзо закрепнување на засегнатите лица.

Заклучно со 19 август 2025 година, вкупниот прилив на наменската сметка изнесува 4.594.345 денари.

– платени трошоци за банкарски провизии: 18.277 денари;

– вкупно реализирани средства: 3.758.805 денари;

– тековно расположлива состојба: 835.540 денари.

Сите донации се резултат на поддршката од хумани граѓани, компании и организации од земјата и дијаспората, кои несебично се вклучија во оваа акција.

„Овие бројки не се само финансиски податоци – тие се доказ за солидарност, заедништво и човечка хуманост. Благодарни сме на секој поединец и на секоја компанија, кои веруваа во оваа иницијатива и помогнаа од срце. Нашата работа не застанува тука – продолжуваме да бидеме тука за засегнатите лица и нивните семејства сè додека постои потреба“, велат од иницијативата „Супорт Кочни“.

Текстот „Супорт Кочани“: Обезбедени над 4,5 милиони денари за засегнатите лица во трагедијата во Кочани е превземен од МАКФАКС.