Окружниот суд во Пакистан ги забрани таканаречените „тестови за невиност” при истрага на случаи на силување, а одлуката ја поздравија активисти за човекови права кои поднесоа барање до судот да стави крај на таа пракса, пренесува Би-Би-Си.

Судијката на Високиот суд во Лахор, Ајеша Малик рече дека тестовите се понижувачки и дека немаат форензичка вредност.

– Тоа е понижувачка практика што се користи за да се фрли сомнеж врз жртвата наместо да се фокусира на обвинетиот и сексуалното насилство, посочи таа.

Одлуката на судот се однесува само на областа Панџаб, но може да послужи како преседан за претставки што може да се достават до другите окружни судови. Слична тужба во моментов е поднесена до Вишиот суд во Синд.

Светската здравствена организација категорично го отфрли тестот, тврдејќи дека тој нема никаква научна вредност и претставува кршење на човековите права. Оваа организација и Обединетите нации повикаа на ставање крај на оваа практика низ целиот свет.

Индија го забрани тестот за невиност во 2013 година, а судија во Пакистан исто така се повика на оваа одлука. Во Бангладеш и Авганистан тоа беше сторено во 2018 година, но активистите тврдат дека одлуката во Авганистан и натаму се крши. 

Извор:МИА