Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вечерва му одреди 30-дневен притвор на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, осомничен за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, соопшти Судот.
Притворот е определен по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради постоење опасност од бегство и можност осомничениот да влијае врз сведоци и да ја попречи истрагата.
Според информациите од Обвинителството и МВР, Стафа во периодот од октомври до 13 декември 2025 година примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание кај судија во Апелациониот суд Скопје, со цел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кое Обвинителството води постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 6 октомври примил 30.000 евра, а на 13 декември побарал и примил уште 20.000 евра, по што бил лишен од слобода. При апсењето, кај него биле пронајдени паричните средства.
Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен правобранител од 2018 до 2022 година, кога беше разрешен. Во последниот период работеше како адвокат и беше меѓу кандидатите на последниот јавен оглас за избор на член на Судскиот совет.
Текстот Судот му одреди 30-дневен притвор на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа е превземен од МАКФАКС.























