Судиите упатија остра критика до премиерот, Христијан Мицкоски, во врска со неговите изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор. Тие велат дека неговите коментари ја преминале границата на доброто однесување и преминале во неаргументирани и паушални напади.
„Господине Премиер, веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите“, се наведува во јавното писмо упатено до Мицкоски од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии.
Во него се наведува дека судскиот систем никогаш не генерирал долгови, па оттаму, велат судиите, нејасно е каква е поврзаноста на судството со државниот долг од две милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега.
„Сосема спротивно, токму судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од Буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците и слично“, се наведува во соопштението.
Судиите, исто така, наведуваат дека последниот извештај на ЕК, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која, како што велат, е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт.
„Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за Европската перспектива на земјата. Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат“, се наведува во соопштението од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судиите.
Мицкоски вчера изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор, коментирајќи ги шесте предложени реформи во законите од областа на судството и обвинителството. Тој порача дека главната реформа во тие закони е токму зголемувањето на платите, што според него е неприфатливо поради состојбата со буџетот.
Мицкоски наведе дека следната година државата треба да врати над 2 милијарди евра долг, поради задолжувањата од минатото, и дека покрај тоа треба да обезбеди пари за плати, пензии и социјални трошоци.
„Ако некои мислат дека треба да им ги дуплираме платите на судиите и обвинителите – нека кажат. Еве, јас ќе ја донирам мојата плата. Ама да обвинуват и да судат според законите“, изјави премиерот, додавајќи дека нема да поддржи реформи чија суштина е само финансиско зголемување и додаде: „Знам дека ќе ме нападнат, но моралот не ми дозволува да се согласам со тоа“.
Текстот Судиите со остра критика до Мицкоски: Вашите коментари ја преминаа границата на добро однесување е превземен од МАКФАКС.





















