Денешното судење за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ со 63 жртви и над 200 повредени почна со предупредување за родителите на загинатите кои го следат судењето. Пред да почне сослушувањето на сведоците, судијката Диана Груевска-Илиевска ги предупреди родителите на загинатите да го почитуваат редот во судницата и им објасни дека сите обвинети имаат право на адвокат, по тензијата од минатото рочиште. Ги предупреди дека ќе бидат исклучени од судењето доколку го нарушат редот во судницата, а исклучување на јавноста на следното нарушување на редот побара и адвокатката на сопственикот на „Пулс“ и неговиот син, Ивана Коцевска.

Адвокатката Коцевска во саботата побара сите надлежни органи да преземат мерки поради тоа што, како што кажа, нејзиниот лик бил „злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма“ на транспарент за време на „Маршот на ангелите“ во Кочани.

Родителите на загинатите, пак, тврдат дека е неточно тврдењето дека на транспарентот била адвокатката Коцевска, дека тие воопшто не ја споменале, но таа се препознала.

„На постерот не се препознавате само вие, се препознаваат и други лица кои имаат физичка сличност со ликот, но никој од нив не реагираше ниту ја толкуваше пораката како напад. Единствено, вие адвокатке Коцевска излеговте со тврдења дека сте биле лично засегнати. А зошто? Ние семејствата не ве ни споменавме, ниту ве нападнавме. Ние семејствата се бориме за вистината за изгубените животи на нашите најмили“, рече Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова.

На денешното рочиште ќе сведочат петмина сведоци на Обвинителството кои го преживеале пожарот во „Пулс“.

Текстот Судењето за „Пулс“ почна со предупредување за родителите на загинатите дека ќе бидат исклучени, по тензиите со бранителката на Јованови е превземен од МАКФАКС.