Судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски започнува на 25 јануари, потврдија за РСЕ од Кривичниот суд.
Кривичниот суд на 29 декември соопшти дека обвинителниот акт против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шест лица за нелегалната набавка на софтвер и перење пари поднесен од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 8 октомври од страна на Советот за оценка на обвинител акт е оценет и одобрен во целост.
Рашковски е обвинет во случајот со набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци преку фирмата „Инвока груп“ кој што Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело, како и за оштетување на буџетот за 100 илјади евра со незаконито спроведување на јавна набавка.
Владата во меѓувреме ги раскина договорите со друштвото „Инвока груп“. Едниот е за групна набавка од 28.2.2020 година и Договорот за набавка на услуги- одржување на софтвер за полагање испити на државните институции од 11.8.2020.