Во Кривичниот суд во Скопје денеска требаше да продолжи судењето за предметот во кој обвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, но повторно е одложено, овој пат на неопределено, поради здравствените проблеми во кој се наоѓа поранешниот функционер.

Последната седница беше одложена бидејќи Зеќири, според лекарите, не е во добра здравствена состојба. Судењето го води судијката Фанка Јанчулева – Михаиловска. Истата судијка во моментов му суди на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.

Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека судењето за предметот во кој му се суди на екс генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири нема да се одржи. Неизвесно е и кога истото би продолжило и ќе зависи каква ќе биде здравствената состојба на Зеќири.

„Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат главната расправа за предметот со КОК бр. 193/22, ја информираме јавноста дека, расправата насрочена за 13 март 2023 година ќе се одложи. Имено до судот е доставено ново стручно милсење на вешто лице – психијатар, според кое заради достабилизација на психичката состојба на обвинетиот М.З., се препорачува одлагање на судењата во следните три до четири недели. Со оглед да се работи за здравствена состојба, судењето ќе биде одложено, а главната расправа ќе се насрочи во координација со останатите странки во постапката, како и согласно препораката на вештото лице, за што јавноста ќе биде дополнително известена“, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.

Според обвинението, Зеќири како генерален секретар на Владата приватно склучил договори за консултантски услуги за анализа на состојбите во поштата и железницата. Поточно, тој е обвинет дека го оштетил државниот буџет за над еден милион евра.