По одржани повеќе од 120 судски рочишта, судењето за трагичната несреќа во Ласкарци се одвиваше во тензична атмосфера и обвинувања меѓу членовите на семејствата на загинатите и одбраната на обвинетите. Откако неговото отсуство доведе до одложување на неколку судски рочишта, водачот на тимот вештаци Зекирија Зекири денеска се појави во судот. Пред да биде испрашуван од обвинителот Дарко Јакимовски, Зекири се обиде да ги оправда отсуствата и сомнежите во јавноста за неговата независност при работењето.

„Имаше притисок врз мене бидејќи бев отсутен. Луѓе сме, се разболуваме и тоа е нешто што се случува. Во однос на вештачењето, верувам во Господ и ви се колнам со најголема одговорност дека немам врска со ниту еден од обвинетите, ниту со повредени или други. Никој не ми се јави за тоа“, рече вештакот Зекири, пренесува АлсатМ.

Но и покрај ова, по прашањата на обвинителот Јакимовски, се покажа дека на Зекири, иако му било доверено да работи на обемно супер вештачење, тој претходно нема работено никакво вештачење за сообраќајни незгоди, иако како што рече имало многу понуди, но бил зафатен со својот докторат. Го спомена и спорниот дел од вештачењето кое може да доведе до ситуација целата вина да се префрли само кај возачот на автобусот и оти до првиот удар на автобусот не се констатирани знаци на кочење.

Потоа дојде до вербална расправија меѓу членовите на семејствата на жртвите и адвокатот Сашо Дуковски, по што еден од адвокатите неколку минути ја напушти просторијата, интервенираше судијката и судската полиција.

Синиша Ристовски, кој во оваа несреќа го загуби синот и 4 години чека епилог и казна за виновниците кои ја предизвикаа несреќата, вели дека одбраната по секоја цена поттикнува тензии за судската постапка уште повеќе да се одолговлекува.

Судењето за Ласкарци почна во 2019 година. Во несреќата животот го загубија 16 лица, а 37 беа повредени. Во случајот обвинети се шест лица.