Северниот Леден Океан, кој го губи замрзнатиот покривач поради глобалното затоплување, директно придонесува за пообилни снежни врнежи во Европа, како на пример во 2018 година кога се случи леден бран наречен „Ѕверот од Исток“, се вели во студија.

Тој бран, кој парализираше поголем дел од северна Европа во февруари и март 2018 година, предизика штети од повеќе од милијарда евра на ден само во Велика Британија.

Според студија објавена во списанието Nature Geoscience, тие големи снежни бури биле директна последица на „ненормално топлите“ води во Баренцовото Море. Тоа море останало без ледена покривка на околу 60 проценти од неговата површина неколку недели пред тој феномен.

Тој леден бран се нарекува „Ѕвер од Исток“ во Велика Британија, „Снежен топ“ во Шведска и феномен „Москва-Париз“ во Франција.

Студијата заклучува дека Беренцовото Море без мраз ќе биде главниот извор на влага за континентална Европа и ќе биде причина за обилни дождови или снежни врнежи, што ќе влијае на инфраструктурата и сообраќајот.

„Ова ќе значи нарушување на снабдувањрто со храна, горивото и уништување на посевите“, предупредува студијата, додавајќи дека може да изгледа чудно што затоплувањето во Северниот Леден Океан предизвикува поголем снег во Европа.

„Сепак, природата е сложена и она што се случува на Арктикот не останува само на Арктикот“, пишува во студијата предводена од Хана Бејли од Универзитетот Улу во Финска.

Според пресметката на истражувачите, од тоа море испариле 140 гигатони вода, што произвело 88 отсто од влагата што падна како снег во Европа.